Македонските граѓани слават 28 години независност

Илустративна фотографија. Македонското знаме.

Во земјава денеска се одбележува 28 години од успешно спроведениот референдум во 1991 година, на кој македонските граѓани се изјаснија за самостојна и суверена држава.

Одбележувањето на 8 Септември – Денот на независноста почнува со положување цвеќе на партизанските гробишта во Бутел и на вечните почивалишта на трагично загинатиот претседател Борис Трајковски и на поранешниот претседател Киро Глигоров.

По повод празникот на незвисност традиционално во Собранието ќе бидат врачени наградите „8 Септември“, а во Градскиот парк ќе се одржи прослава во организација на Владата.

Под мотото „Боите на независноста“ на прославата кај Школка во Градскиот парк ќе се обрати премиерот Зоран Заев, а најавена е и богата културно-уметничка и забавна програма.

Вчера, по повод Денот на независноста, во касарната „Илинден“ беа истрелани 10 плотуни од страна на единицата на артилерискиот баталјон на Армијата.