Рекет, Брегзит и Перестројка

МАКЕДОНИЈА - Илија Димовски, претседателот на собраниската Комисија за избори и именувања, за в четврток во 12 часот ја закажа седницата на која ќе се разгледува извештајот на Советот на јавни обвинители за разрешување на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева. Димовски бара извештајот за Јанева да не биде веќе таен и седницата за нејзино разрешување да биде јавна.

МАКЕДОНИЈА - Три нови пожари избувнаа во Велешко: Кај село Црквино, кај селото Раштани и кај Мотелот Македонија во близина на патот за Градско.

БЕЛГИЈА - Иако најдобрата опција е Брегзит со договор, веројатноста за Брегзит без договор е многу голема и граѓаните и компаниите од ЕУ треба да бидат подготвени за излегување на Велика Британија од Унијата на 31 октомври, изјави портпаролката на Европската комисија, Мина Андреева.

СРБИЈА - Оргaнизаторите на протестите 1 од 5 милиони, кои речиси 10 месеци континурано секоја сабота протестираат во Белград и другите градови во Србија против власта на Александар Вучиќ, ги повикаа граѓаните и партиите на бојкот на престојните редовни избори на пролет идната година.

ВЕЛИКА БРИТАНИЈА - Сојуз на опозициските партии и бунтовниците од Конзервативната партија ги имаат потребните гласови во Долниот дом за да ја поразат владата на премиерот Борис Џонсон по прашањето за Брегзит, убеден е поранешниот британски министер за финансии, Филип Хамонд, објави новинската агенција Ројтерс.

САД / РУСИЈА - Американските сенатори демократи Крис Марфи и републиканецот Рон Џонсон кои сакаа да ја посетат Русија, но тоа им го забранија руските власти соопштија дека наместо тоа ќе ги посетат Украина, Србија и Косово. Сенаторот Марфи соопшти дека со тоа тие сакаат да ја демонстрираат двопартиската поддршка на новиот украински парламент и на дијалогот меѓу Белград и Приштина.

КОСОВО - Ние го гледаме дијалогот како значаен процес кој дава можности за затворање на темното поглавје меѓу Косово и Србија. Нормализирањето на односите со меѓусебно признавање е единствената цел, ништо помалку, така што ја цениме силната позиција на Вашингтон во овој правец, напиша на социјалните мрежи шефот на косовската дипломатија Беџет Пацоли, по средбата со американскиот дипломат Метју Палмер.

СРБИЈА - Откако српскиот претседател Александар Вучиќ најави кадровски промени во СНС и смена на 50 до 60 отсто од министрите во владата по победа на пролетните избори и неговиот коалициски партнер, шефот на дипломатијата, Ивица Дачиќ, најави перестројка во неговата Социјалистичка партија на Србија.