Стотици милиони долари воена помош на САД се влеваат во Украина од 2014 година, но на таквата помош би можело наскоро да и дојде крај.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Трамп ќе ја укине воената помош за Украина
Двајца високи претставници на администрацијата потврдија дека претседателот Доналд Трамп размислува да го блокира годишниот пакет од 250 милиони долари, пари наменети за спречување на руската агресија.
Украина ја користи помошта за борба против вооружените сепаратистички движења поддржани од Москва.
Вестите за ревизијата на помошта доаѓаат на неколку дена откако Трамп, на самитот на Групата седум индустриски најразвиени земји во Франција, изјави дека на Русија треба да и биде дозволено да се врати во оваа група.
Русија беше избркана од групата, откако го анектираше Крим од Украина во 2014 година.
„Мислам дека ќе биде подобро да ја имаме Русија внатре во шаторот отколку надвор од шаторот“, рече Трамп на крајот од самитот на Г7 во Франција.
Критичарите велат дека евентуалното кратење на помошта е пример за, како што велат, „капитулантското однесување на Трамп спрема Русија“, прашање што ги мачи уште откако американските разузнавачи заклучија дека Русија се обидела да влијае врз изборите во 2016 година во корист на Трамп.
Некои членови на Конгресот оценуваат дека задржувањето на таа помош ќе биде деструктивно за американската национална безбедност.
Од Белата куќа инсистираат на тоа дека оваа ревизија е во согласност со политиката на Трамп дека секоја странска помош мора да биде оправдана.
Конечната одлука за кратење на парите за Украина треба да ја донесе претседателот Трамп, а дотогаш таа ќе добива воена помош.
Вашингтон досега и има дадено наУкраина повеќе од 3 милијарди долари помош, вклучително и милијарда ипол за смртоносна опрема во последните пет години.