Зеленски – Руската анексија на Крим е како крадење деца

Украинскиот претседател Володимир Зеленски

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја спореди руската анексија на украинскиот Кримски Полуостров во 2014 година со „деца кои се украдени и им се издава нов извод од матична книга на родените“. Тој ова го кажа денеска на прославата на 28-годишнината од независноста на Украина.

Во својот говор пред илјадници Украинци, Зеленски исто така вети дека областите во источна Украина кои се под контрола на проруските сепаратисти ќе се вратат под украинска контрола.

Актерот Володимир Зеленски, кој речиси и да нема политичко искуство, беше избран за претседател на Украина во април годинава.

Конфликтот во источна Украина почна во април 2014 година и досега загинаа над 13 илјади луѓе. Русија почна да ги поддржува сепаратистите веднаш откако нелегално го анектираше Кримскиот Полуостров.

Оваа година за прв пат нема воена парада за Денот на независноста во Киев. Зеленски во јули рече дека наместо за парада, 12-те милиони долари колку што би чинела организацијата ќе бидат поделени како бонуси во армијата.

Сепак, и покрај тоа што немаше официјална парада, се одржа марш на армискиот состав кој беше наречен Марш на достоинството.

Украина ја усвои Декларацијата за независност од СССР на 24 август 1991 година.