Пендаровски - Поканата за НАТО нè внесе во помирни води, но остануваат предизвици

Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски денеска во Охрид се обрати на отворањето на дводневниот Безбедносен форум на поранешни студенти/алумни на Маршал Центарот.

Претседателот Стево Пендаровски вели дека евроатлантските интеграции продолжуваат да бидат клучен фактор за стабилноста и развојот на демократијата во регионот на Западниот Балкан

Тој во обраќањето пред учесниците на дводневниот Безбедносен форум што од денеска се одржува во Охрид, рече дека по поканата за членство во Алијансата земјата неспорно влегла во помирни води, но дека сме далеку од тоа да тврдиме дека предизвиците се зад нас.

„Тероризмот, верскиот екстремизам, нелегалната миграција, сајбер-нападите, хибридните војни нема да исчезнат. Свесни сме дека најефикасниот начин за справување со т.н. нетрадиционални безбедносни закани што се високо на агендата на НАТО, е заедничкото соочување со нив. Размената на информации и здружувањето на ресурсите на земјите-членки и на земјите партнери можат само да придонесат за подобро справување со предизвиците“, истакна претседателот на Стево Пендаровски.

Амбасадорот на САД во Скопје Кејт Мари Брнс рече дека земјава успева во обидите да се решат долгогодишните прашања со соседите, ги спроведува потребните реформи, ги развива институциите и тоа не само заради членство во ЕУ и НАТО, туку заради изградба на посигурно и побезбедно, попросперитетно општество.

„Има уште многу што треба да се направи, но минавте долг и напорен пат и тоа за кусо време што мора да се признае“, рече таа.