Тупураинен: „Рекет“ не би требало да влијае на датумот со ЕУ, ама е тест за Македонија

Вицепремиерот Бујар Османи и финската министерка за надворешни работи, Тути Тупураинен во Хелсинки

Финската министерка за надворешни работи, Тути Тупураинен, денеска изјави дека Финска, како актуелен претседавач со ЕУ, дава поддршка за почеток на пристапните преговори со Северна Македонија и дека очекува тоа да се случи во октомври.

„Оптимисти сме дека ако биде исполнета агендата, во октомври ќе биде донесена одлука за старт на преговорите. Сметаме дека нема причина за натамошно одложување“, рече Тупураинен на заедничката прес-конференција во Хелсинки со вицепремиерот Бујар Османи, кој е во официјална посета на Финска.

На прашањето дали актуелниот случај „Рекет“ може да влијае на одлуката, таа одговори дека не би требало, но оти постапувањето по него е тест за државата.

„Овој случај е тест за правната држава и владеењето на правото во Северна Македонија. Последниот извештај на ЕК покажа дека има прогрес во оваа област и тоа сега треба да се покаже на дело. Очекуваме објективна истрага и никој да не биде ставен над законот“, порача Тупараинен.

Вицепремиерот Османи на прес-конференцијата рече дека Македонија е посветена на интеграцијата во ЕУ и НАТО и оти никаков предизвик тоа нема да го смени.