САД нема да го водат дијалогот за Косово, тврди Дачиќ

Шефот на српската дипломатија, Ивица Дачиќ

Српскиот министер за надворешни работи, Ивица Дачиќ, денеска изјави дека САД нема да го преземат водењето на дијалогот меѓу Белград и Приштина, но дека се обидуваат да најдат добитна комбинација за компромис. Тој за „Прва ТВ“ изјави дека дијалогот ќе продолжи да го води ЕУ, но дека САД сакаат компромисно решение за Косово и да го искористат тоа на претстојните претседателски избори.

На прашањето дали САД ја поддржуваат поделбата на Косово, Дачиќ истакна дека тој двапати разговарал со американскиот советник за национална безбедност Џон Болтон и дека тие никогаш не изјавиле дали ќе ја поддржат поделбата или имаат некој друг концепт.

„Тие ја поддржуваат нашата желба да постигнеме компромис. Тоа е огромна разлика, со оглед на тоа што претходните администрации дури и не сакаа да разговараат за тоа и рекоа дека прашањето е завршено“, рече Дачиќ.