Заев побара дијаспората да инвестира во Македонија

Првата порака е инвестирајте. Очекуваме да расте просперитетот на државата, продолжуваме со реформите во сите области, особено во правосудството и ја зајакнуваме бескомпромисната борба со корупцијата, побараа премиерот Зоран Заев и министерот задолжен за дијаспора Едмонд Адеми, на средбата со повеќе претставници на нашата дијаспора од Италија, Швајцарија, Германија, Белгија, Луксембург, Турција и САД.

Како што соопшти владината Прес-служба, на средбата Заев ги истакнал политиките на Владата, кои покрај економскиот напредок се насочени кон остварување на клучните стратешки цели – членството на земјата во НАТО и Европската Унија.

„Создаваме безбедна, сигурна и економски просперитетна држава, која има пријателски односи со сите соседи и поволни услови за инвестиции. 2018 година ја завршивме како година во која Северна Македонија, според „Извештајот за инвестициите во светот за 2019 година“ од Конференцијата на ОН за трговија и развој (УНКТАД) е прогласена за земја со најголем раст на директни странски инвестиции со остварени 737 милиони долари, односно 624 милиони евра, странски инвестиции“, рекол Заев на средбата.