Грција: битка со шумски пожари, страв и евакуации

Во Грција се мобилизирани над илјада пожарникари, бидејќи од понеделникот шумски пожари избувнаа на над 50 места, а најголемиот е на островот Евија каде што ги загрозува селата и таму е прогласена вонредна состојба. Пожарот во Евија со густ чад покри дел од средна Грција, вклучувајќи ја и Атина.

Стотици луѓе беа евакуирани, а грчкиот премиер Киријакос Мицотакис го прекина одморот, откако силен пожар го зафати вториот по големина остров во Грција, Евија кој е густо пошумен природен резерват северно од Атина.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Во Грција горат 50 шумски пожари

„Условите се исклучително тешки и првиот приоритет на државата е да ги заштити животите на луѓето“, порача Мицотакис откако го скрати одморот на островот Крит.

Тој најави дека четири противпожарни авиони од типот „Канадер“ од Хрватска и Италија ќе се борат со стихијата откако Грција побара помош од ЕУ.

Во борба против пожарот се активирани шест авиони и седум хеликоптери.

Пожарникарите тешко се справуваат со огнот поради силните ветрови и густиот чад.

Некои од евакуираните изјавија:

„Тоа е ужасна работа, не можам да ја опишам. Тоа е катастрофа, овој пат. Дојдовме тука на одмор, но ако работите не се променат, ќе одиме, нема да останеме“.

„Ние сме исплашени, исплашени дека огнот ќе се спушти и ќе ја запали оваа област и нашите домови и нас“.

„Пожарот не зароби во Макримали и моравме брзо да заминеме. Властите не упатија да заминеме. Јас поминав низ огнот“.

„Се надеваме дека пожарот ќе биде изгаснат. Пожарот започна од 03:00 часот наутро. И покрај можноста за обид за подметнување пожар и други природни фактори како што е ветерот, она што секогаш го зборуваме е дека ни требаат превентивни мерки. Ова е проблем што не го решивме“.

Чадот од пожарот ја зафати и Атина а властите ги предупредија луѓето во погодените области, особено постарите, малите деца и оние кои страдаат од дишење или срцеви заболувања, да останат во затворени простории.

Шумските пожари се вообичаени во Грција за време на жешките, суви летни месеци.

Властите постојано ја предупредуваа јавноста да не презема ништо на отворено што може да предизвика пожари, како што се заварување, палење плевел или скари.

Парковите и шумските области понекогаш се затворени за јавноста во време на голем ризик од пожар.