Гори Рекет, гори Сибир, гори Хонг Конг...

МАКЕДОНИЈА - Јавното обвинителство соопшти дека покренало постапка против четворица вработени во Управата за безбедност и контра-разузнавање, од кои тројца се товарат за проневера над 50 милиони денари, односно над 820.000 евра. Делото е сторено во период од 2007 до 2017 година.

МАКЕДОНИЈА - Бојан Јовановски - Боки 13 и Зоран Милески - Кичеец, осомничени во случајот Рекет, ќе останат во притвор уште 30 дена, одлучи Кривичниот совет при Основниот кривичен суд. за случајот рекет денеска пред обвинител даде исказ обвинителката од СЈО Лиле Стефанова, чие име се споменува во снимките објавени од италијанскиот весник Ла Верита. Нема информации кога исказ ќе даде и специјалната обвинителка Катица Јанева.

РУСИЈА - Рускиот претседател Владимир Путин ги следи протестите на опозицијата во Москва, но не верува дека тие се доволно важни, соопшти портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков. Светската јавност денеска со остри критики за руските власти по објавата на видеото на кое се гледа како полицаец тепа жена на протестст во Москва.

ВЕЛИКА БРИТАНИЈА - Крис Патен, последниот британски гувернер на Хонг Конг, предупреди дека интервенција на Кина во Хонг Конг би била катастрофа и дека кинескиот претседател Си Џинпинг треба да покаже мудрост во обединување на народот, објави Би-Би-Си. Протестите и судирите со полицијата во Хонг Конг продолжуваат.

САД / СЕВЕРНА КОРЕЈА - Обединетите нации соопштија дека нивни експерти истражуваат најмалку 35 случаи во 17 земји поврзани со сајбер напади со кои Северна Кореја нелегално добила средства за нејзината нуклеарна програма.

ТУРЦИЈА - Турскиот министер за одбрана, Хулуси Акар, изјави дека Турција очекува во втората половина на август или во септември да биде реализирана втората испорака на одбранбениот ракетен систем С-400 од Русија, објавија новинските агенции, повикувајќи се на локални медиуми.

УКРАИНА - Претседателот на Украина, Володомир Зеленски, ѝ наложи на владата да изготви предлог-закон за поедноставување на процедурите за добивање украинско државјанство за Русите кои се прогонувани од политички мотиви, објавија новинските агенции.

СРБИЈА - Целосно сум сигурен дека странски служби и денес се обидуваат да ги надѕираат електронските комуникации на луѓето во Србија кои им се безбедносно интересни, на прво место претседателот Александар Вучиќ, изјави српскиот министер за внатрешни работи Небојша Стефановиќ, кој сепак додаде дека тоа не било лесно да се докаже, бидејќи техниката многу напредувала.

РУСИЈА - Еколошката група Гринпис соопшти дека блаците чад од катастрофалниот пожар во Сибир покриваат над 5 милиони квадратни километри што е повеќе од големината на ЕУ. Според гринпис, над 50 мегатони јаглерод диоксид беа ослободени во јуни и 79 мегатони јаглерод диоксид во јули - што е еднакво на издувните гасови од 36 милиони автомобили. Изгореле повеќе од 13,1 милиони хектари, вклучително и 4,3 милиони хектари тајга во Сибир. Од Гринпис велат дека огромните огнови даваат огромен придонес за климатските промени бидејќи милиони луѓе го дишат чадот, а дивите животни го губат живеалиштето.