Јанева: Се водеа преговори со Камчев да стане соработник

Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева

Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева за денешните аудио разговори кои ги објави италијанскиот весник „Ла Верита“ повтори дека во интерес на предистрагите и истрагите кои се водат во СЈО, повеќе пати разговарала со разни лица, во обид да се издејствуваат подобри позиции во кривичните предмети, а тоа, според неа, често се случувало да се одвива преку од нив назначени посредници.

„Во конкретниот случај, во тој период, се водеа преговори од моја страна со лицето О.К. да стане соработник – сведок во една нова предистрага која ја водевме во Обвинителството, заедно со еден од моите помошници обвинители“, вели Јанева.

Таа уште еднаш порача дека ги повикува истражните органи што е можно побргу да ја завршат истрагата, да ги приберат сите докази и да ги завршат сите форензички вештачења поврзани со случајот „Рекет“, за целосно расчистување на случајот и обелување на нејзиното име.

„Ла верита“ и денеска објави нови аудиоснимки за случајот во кои, како што наведува весникот, Јанева го уверува бизнисменот Орце Камчев дека држи се под контрола во случајот „Империја“ и дека обвинителката на СЈО, Лиле Стефанова која го води предметот без неа не може ништо.