Јанева по снимките за „Рекет“: Се надевам дека ќе бидат обвинети поранешни и сегашни функционери

Катица Јанева

Ја слушнав снимката, објавена на порталите поврзана со случувањата за случајот „Рекет“. Фрапирана сум како моите постапки како Специјален јавен обвинител се донесуваат во каква била корелација со случајот „Рекет“, реагираше денес специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, по објавувањето на втората снимка поврзана со „Рекет“.

„Како специјален јавен обвинител моја обврска е да контактирам со сите осомничени како и со други лица во врска со кривичните постапки кои се водат во ова Јавно обвинителство и од сите нив да се обидам да извлечам што поголем број на инфорамции како би ја подобрила позицијата во контекст на осомничените за секоја истрага/предмет поединечно. Сум разговарала за зголемување на степенот на соработка со осомничените, за откривање на нови сознанија во корист на истрагата, поточно, за подобрување на нашите позиции како јавни обвинители, но во никој случај и во ниеден момент не сум тргувала со никакво влијание, не сум ја злоупотребила својата функција и не сум постапувала спротивно на законот“, стои во писмената реакција на Јанева, објавена на сајтот на СЈО.

Таа додава дека „обвинителот е секогаш обвинител, па и кога разговара со осомничени по телефон, а за ваква изјава во тој момент имаше оправдана причина“.

„Ги повикувам истражните органи што е можно побргу да ја завршат истрагата, да ги приберат сите докази и да ги завршат сите форензички вештачења поврзани со случајот „Рекет“, за целосно расчистување на овој случај и обелување на моето име. Откако ќе бидат презентирани десетината истраги подготвени за брзо процесирање, од страна на СЈО многу нешта ќе бидат појасни за јавноста.“, додава Јанева.

Таа вели дека се надева оти „ќе бидат обвинети многу поранешни и сегашни функционери“.

„Во тие истраги се осомничени и се надевам дека ќе бидат обвинети многу поранешни и сегашни функционери во власта и значајни личности во партиите, па од таму е јасно зошто некој со сите сили и со невидена медиумска хајка се обидува да го загрози мојот и кредибилитетот на СЈО како и на сите други обвинители, а со тоа се обидува да ги уништи кривичните предмети кои се водат во обвинителството. Се надевам дека тоа нема да се случи“, вели Јанева.

Таа на крајот вели дека се надева оти пратениците во најбрз можен рок ќе го донесат Законот за ЈО и најави дека откако ќе се вратат сите обвинители од ЈО од годишен одмор, пред донесување на законот за ЈО, ќе има целосен отчет за досега сработеното во врска со истрагите и предистрагите кои се водат во СЈО.