Мерките на највисоко ниво, но појавата на африканска свинска чума кај нас е можна

Илустрација

На денешниот координативен состанок поради појавата на африканската свинска чума во соседството, македонските вереринари заклучија дека иако мерките против африканска свинска чума се на највисоко ниво, не е исклучена можноста од појава на болеста во земјава.

Тие не сакаа да шпекулираат колкави се шансите во земјава да се појави африканска чума, но рекоа дека за тоа постојат реални шанси и можеби е само прашање на време кога тоа ќе се случи зашто болеста се пренесува преку предмети, храна од животинско потекло, но и преку дивите свињи кои се сериозен извор на инфекција.

Државата, како што оценија, е максимално подготвена да се справи со ризиците зашто во континуитет постапува согласно меѓународните стандарди и практики. Тие уверуваат дека дијагностицирањето на болеста може да се изврши за неколку часа, зависно од примерокот, состојбата во која се наоѓа и начинот на неговата обработка. Од состанокот порачаа, да се стори се пред да се појави болеста зашто потоа би било доцна. Воедно апелираа, при секоја промена на здравствената состојба кај свињите, сопствениците веднаш да реагираат и да го пријават случајот кај ветеринарен лекар.