Грција воведува одбранбена дипломатија: Држиме маслиново гранче, ама имаме и меч

Илустрација

Грција сака секогаш да биде во јадрото на Европа, да има одлични односи со сите соседи и да биде фактор на стабилност и безбедност во регионот, рече шефот на грчката дипломатија Никос Дендиас по потпишувањето на Меморандумот за соработка меѓу Министерството за надворешни работи и Министерството за одбрана на Грција за формирање Дирекција за одбранбена дипломатија во грчкото МНР, jави дописничката на МИА од Атина.

„Дојдовме да потпишеме меморандум за соработка со Министерството за одбрана за да можеме да имаме целосна синхронизација меѓу активностите и перцепциите на овие две министерства. Компатибилен со пошироката доктрина на нашата земја, земја членка на Европската унија, која посакува секогаш да биде во јадрото на Европа, но и земја која посакува да има одлични односи со сите нејзини соседи, да биде фактор на стабилност и безбедност во регионот“, рече Дендиас.

Министерот за надворешни работи на Грција додаде дека не треба да се заборави дека земјата „традиционално држи маслиново гранче, но е и земја која поседува и меч“.