Мицкоски – Владата не троши за капитални инвестиции, за со тие пари да корумпира гласачи

Претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски

Претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска обвини дека премиерот Зоран Заев, како неформален министер за финансии, намерно не ги троши сите пари за капитални инвестиции за потоа тие пари да ги префрлува како трансфери до граѓаните и да ги користи за поткуп на гласачите.

„Преку буџетот има намера да ги корумпира граѓаните и гласачите“, рече Мицкоски прес-конференција во партиското седиште, додавајќи дека според нив, избори може да се одржат во април или во мај.

Тој додаде дека иако не се трошат пари за капитални инвестиции, задолжувањата за таа намена продолжуваат. Тој рече дека опозицијата нема да дозволи ваков поткуп.

Мицкоски вели дека еврообврзницата која Владата ја планира за изградба на новиот Клинички центар во вредност од 500 милиони евра ќе биде всушност наменета за „ситно корумпирање“.

Портпаролот на СДСМ, Костадин Костадинов, пак, рече дека маката на Мицкоски е што сега парите завршуваат кај граѓаните, преку поврат на 15% од платениот ДДВ, укинување на радиодифузната такса, евтината тарифа на струјата, намалување на казните, зголемување на платите, зелена нафта и многу други мерки.

„Порано парите одеа во стиропор, бели дворци, исушени палми и жални врби, во џебовите на фамилијата. После економската катастрофа што ја остави 11 годишното криминално владеење на ВМРО-ДПМНЕ по демократските промени имаме реален, вистински и силен економски напредок“, рече Костадинов.