Стефановиќ: Македонија ќе го прекрши меѓународното право ако не го екстрадира Морина

Небојша Стефановиќ

Српскиот министер за внатрешни работи Небојша Стефановиќ изјави дека не може да верува оти Северна Македонија нема да го екстрадира Тимор Морина, бидејќи тоа би било непочитување на меѓународното право, објави МИА.

„Сите земји што се дел од Интерпол треба да се придржуваат кон меѓународните прописи. Северна Македонија треба, врз основа на потерницата и документите, кои Србија ги има пратено, да го предаде Морина на државните органи кои на тоа имаат право“, изјави денеска Стефановиќ при распределбата на противпожарните и услужните возила на единиците на МВР.

Тимор Морина, поранешен припадник на Ослободителната војска на Косово, беше уапсен во Северна Македонија, откако беше изден налог од Србија за негова екстрадиција. Барањето е издадено од Интерпол – Србија, пишуваат српските медиуми.