Филипче: Новиот клинички центар ќе чини 500 милиони евра и ќе биде готов за 7 години

Венко Филипче

Министерот за здравство, Венко Филипче, денеска информираше дека новиот клинички центар ќе биде целосно готов за седум години, а целиот проект ќе чини 500 милиони евра. Според министерот, парите ќе бидат обезбедени преку банките Ерсте груп, Рајфајзен банк и Уникредит банка, а градбата ќе започне на почетокот на 2020 година.

„Првата фаза ќе биде готова за 3,5 години кога би се префрлиле некои оддели. Најпрво ќе функционираат хируршките клиники, операционите сали и ургентниот центар. Потоа ќе се префрлат клиниките за гинекологија, за педијатрија, па онкологија. Инфраструктурата ќе се плати со пари од буџетот. Ова е најважен капитален објект од значење за целата држава. Ќе има модерен начин на давање здравствена услуга, како што функционираат модерните држави. Се’ ќе има во една зграда, се’ ќе биде на едно место“, рече Филипче.

Министерот нагласи дека новиот клинички центар ќе треба да ги опслужува граѓаните во следните 70-80 години.