ВМРО-ДПМНЕ: Избори во октомври 2020 е разумна основа за разговори со власта

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски

Предвремени избори во октомври 2020 година, што денеска на опозицијата ѝ го понуди премиерот Зоран Заев, за ВМРО-ДПМНЕ е термин кој е разумна основа за разговори со власта на таа тема.

„Очигледно е дека под притисок на јавноста по многубројните скандали власта која што е во паѓање го прифаќа предлогот на опозицијата за предвремени парламентарни избори. А, тоа што се однесува за понудениот термин за октомври догодина, се чини како разумна основа за разговори со власта на таа тема“, изјави денеска портпатолот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски.

Во врска со тоа дали договорот за избори е врзан со договор за законот за јавното обвинителство, дали се условени едното со другото, Стоилковски истакна дека тоа што се посочувало досега, а и сега, е дека лидерска средба е невозможна без темата предвремени парламентарни избори.