Османи: Лично од првиот ден сум ангажиран за ослободување на Морина

Вицепремиерот Бујар Османи

Вицепремиерот Бујар Османи одговарајќи на новинарско прашање денеска изјави дека лично од првиот ден е ангажиран за ослободување на Томор Морина, поранешен припадник на ОВК, кој беше уапсен пред пет дена на граничниот премин Блаце, по потерница на Интерпол.

„Очекувам одговор, имам поднесено службено барање до судијката која ја спроведува постапката да ми дозволи да го посетам. Во текот на денешниот ден ќе се обратам до институцијата да го посетам бидејќи јасно е дека нема координација меѓу неговиот адвокат, барањето за екстрадиција итн…“, рече Османи, додавајќи дека е болно што после 20 години од конфликтот, како што истакна, луѓето уште да се задржуваат и да се приведуваат за конфликтот.

Со оглед на тоа што потерницата е издадена од седиштето на Интерпол во Лион, наведе, судството во земјава треба да ги помине потребните судски постапки се додека Министерството за правда донесе одлука за не екстрадирање на Морина.

„До овој момент нашите информации се дека се уште не е доставено барање од страна на адвокатот до Министерството за правда. Секојдневно контактираме со министерката за правда“, изјави вицепремиерот Османи.

Потенцира дека во вакви ситуации, толку колку што може политиката да влијае, рече, „правиме се што е можно и итно треба да се ослободи Морина“.

Во меѓувреме, новинската агенција Танјуг објави дека од српското Министерство за правда добиле потврда дека Србија побара од македонија да ѝ го екстрадира Морина.