Денот на Републиката ќе се одбележува под мотото „Сите сме деца на Илинден“

Споменик „Мечкин Камен“, Крушево

„Сите сме деца на Илинден“ е мотото под кое годинава ќе се реализираат чествувањата на Денот на Републиката, 2-ри август, Илинден во Скопје, Пелинце, Смилево и Крушево. Централната свеченост ќе се одржи на Мечкин Камен во Крушево, каде после положувањето цвеќе на споменикот ќе следува обраќање на премиерот Зоран Заев по што е предвидена и свечена културно-уметничка програма.

Свеченостите по повод Денот на Републиката, како што информираат од владината прес-служба, ќе започнат со активностите на претседателот Стево Пендаровски, кој заедно со делегациите ќе положи свежо цвеќе пред спомениците на АСНОМ на Никола Карев и на првиот претседател на Президиумот на АСНОМ Методиј Андонов Ченто во Скопје. Претседателот Пендаровски, заедно со Сојузот на борците ќе положи и цвеќе на Алејата на славните, по што ќе следува прием за гостите и за делегацијата на борците во претседателската вила на Водно, каде што претседателот и претставник на Сојузот на борците ќе имаат и свои обраќања по повод празникот.

Претседателот на Собранието Талат Џафери ќе говори во Меморијалниот центар АСНОМ, во Пелинце на свеченоста по повод 2-ри Август и по повод 75 годишнината од првото заседание на АСНОМ, по што ќе следува културно-уметничка програма.

Како дел од Програмата за одбележување на Денот на Републиката се и активностите во Смилево, со кои ќе се одбележат 116 години Илинден и 77 години од првата борбена акција на Битолско – Преспанскиот Партизански Одред „Даме Груев“.