Заев пријавил во МВР закана на социјалните мрежи за „куршум во глава“

Прес конференција на еврокомесарот Јоханес Хан и премиерот Зоран Заев

Премиерот Зоран Заев денеска од собраниската говорница информира дека ја пријавил заканата, која во порака на социјалните мрежи била напишана во коментар по пресот со еврокомесарот за проширување Јоханес Хан.

“Само куршум за тебе копиле, кој со мерак ќе ти го свирнам без око да ми трепне”, гласела пораката која Заев ја прочита од својот мобилен телефон пред пратениците во Собранието, појаснувајќи оти коментарот во порака му го испратила неговата ќерка.

Тој додаде дека се знае идентитетот на човекот кој коментирал и ако законот утврди одговорност тој треба да си ја сноси.

Премиерот ова го кажа одговарајќи на пратенички прашања поставени од пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Благица Ласковска, кои меѓу другото се однесуваа на четири случаи на мобинг. Премиерот рече дека случаите кои ги изнела пратеничката ќе бидат проверени и додаде дека најмалку со една третина од институциите се уште раководат истите кадри од ВМРО-ДПМНЕ.