Владата прави акциски план за заштита од сајбер закани и дезинформации

Владата подготвува акциски план за справување со дезинформациите и тоа е одговор на сајбер заканите и масовното ширење дезинформации, особено во последните две години, најави денеска премиерот Зоран Заев на прес-конференција.

„Дезинформациите се еден од главните предизвици на демократијата и алатка за манипулација на граѓаните. Злоупотребата на технологија стана сериозен упад во демократските процеси и сериозно се заканува да влијае на довербата на граѓаните во институциите. Република Северна Македонија во изминатите две години се соочи со масовно ширење дезинформации, а дел беа споделени и од територии на други држави“, рече Заев.

Според премиерот, целта на изработката на овој акциски план е да се зајакне националната безбедност и сигурност, а за планот ќе се консултираат и со граѓанскиот сектор и со медиумите.

Тој информираше дека акцискиот план има две компоненти, безбедносни и проактивни мерки. Исто така, ќе се формира акциска група за борба против дезинформации која ќе анализира и ќе ги следи нападите. Групата ќе ја води министерот за отчетност, Роберт Поповски.