Владата го повлекува Законот за управување со Охридскиот регион

146-тата седница на Владата на Република Северна Македонија.

Владата на денешна седница донесе одлука да го повлече Законот за управување со природното и културното наследство во Охридскиот регион, со што им препорачува на општините од регионот да прогласат мораториум на градежните активности до донесување на Планот за управување со природното и културно наследство, соопшти владината прес-служба по одржувањето на 146-тата седница на Владата на Република Северна Македонија.

Во соопштението се вели дека Владата им препорачува на општините Охрид и Струга во рок од 10 дена да изготват акциски план со роковник за спроведување на препораките на УНЕСКО за обврски од надлежност на општините и во рок од два дена по усвојување на акциските планови од страна на советите на општините, да ги информираат Министерството за транспорт и врски, Министерството за култура и Министерството за животна средина и просторно планирање, велат од Владата.

„Овие министерства со одлука на денешната седница добија задолжение да ја координираат меѓуинституционалната активност за спроведување на препораките на УНЕСКО и еднаш месечно да ја информираат Владата за прогресот во имплементација на препораките“, велат од Владата.