Жители на Лабуништа со блокади против ископи на каменоломи

Каменоломи во с. Лабуништа, Општина Струга.

Жители на струшкото село Лабуништа со 24 часовни дежурства не дозволуваат продолжување на ископи на каменоломи поради стравувања од уништување на природата.

Алим Салиоски – претседател на еколошкото здружение „Натура Лаб“ за МИА вели дека месното население поставило шатори во подножјето на планината Јабланица и оти со постојани дежурства кај ископите жителите нема да дозволат пристап на механизацијата за работа.

Според инфорамциите, станува збор за шест активни каменоломи кои работата со лиценци во подножјето на планината Јабланица во близина на селото Лабуништа, но и дека имало уште неколку кои работат без дозвола.

„Ставивме блокади и не дозволуваме машините да стигнат до местото. На терен не се работи сега“, вели Салиоски.

Во Лабуништа протести имаше и минатата недела на магистралниот пат Струга-Дебар на кои беше побарано затворање на каменоломите. Жителите најавија порадикални протести пред Општина Струга и пред Владата, како и блокирање на патишта доколку не бидат слушнати нивните барања и итно не бидат одземени концесиите.

Општина Струга излезе со соопштение во кое се вели дека градоначалникот на Струга Размиз Мерко побарал од Владата и надлежните министерства веднаш да извршат ревизија на постапката за издавање концесии на сите каменоломи на оваа територија.

„Во потрага по решение на конфликтот, градоначалникот Мерко разговараше со министерот за економија Крешник Бектеши, кој му ветил дека многу наскоро проблемот ќе биде решен. Општина Струга ќе ги искористи сите правни механизми и ќе биде во служба на месното население во секое време“, се вели во соопштението на Општина Струга.