Мицотакис ја претстави владината програма во шест точки

Архивска фотографија- грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис

Земам збор со надеж дека ќе направам нов почеток во нашиот политички живот, бидејќи изборите на 7 јули затворија една деценија на економско, општествено и културно уназадување, рече грчкиот премиер на почетокот од неговото обраќање за време на тридневната расправа што е во тек во Парламентот за добивање доверба на владата, јави дописничката на МИА од Атина.

Кирјакос Мицотакис ја претстави програмата на новата влада, говореше за шест вистини, односно за приоритети во шест области, почнувајќи од намалување на даноците, приватизации, намалување на бирократијата, најави промени во здравството и образованието, промени во изборниот законик и давање можност за гласање на Грците кои живеат во странство, вети поголема безбедност за граѓаните и слично.

Шестата вистина на грчката Влада се однесува на надворешната политика и меѓународната позиција и улога на Грција, а во овој дел Мицотакис го спомена и Договорот од Преспа.

Мицотакис најави и пет проекти во Атина и Солун меѓу кои и пренесување на атинскиот затвор во населбата Коридалос во простор надвор од градот, уривање на објектите од сегашниот затвор, а на негово место изградба на голем парк.