Собранието ја констатираше оставката на Весел Мемеди

Весел Мемеди

Собранието на денешната седница ја констатираше оставката на потпретседателот и пратеник од НДП Весел Мемеди. Во обраќање до пратениците Мемеди упати критика кон лидерот на ДУИ Али Ахмети и премиерот Зоран Заев за начинот на кој биле реализирани договорите за последната реконструкција на Владата и одземањето на функцијата во Министерството за локална самоуправа чиј тогашен министер беше Сухејл Фазлиу, како и за начинот на нивното владеење. Според него, ДУИ и СДСМ постигнале договор во нивен интерес.

„Договорот кој бил постигнат многу порано помеѓу Ахмети и Заев, за трансформација на Секретаријатот за спроведување на Охридскиот договор во посебно министерство, па така не е можно Албанците да водат шест министерства, и трампата на министерствата едно за едно, Ахмети се обидел да го прикрие пред Албанците, дека тој не жртвувал ниту едно министерство, во компензација за новото министерство, додека Заев ќе ја продаде приказната кај Македонците, дека не попуштил пред Ахмети за едно министерство плус, туку успеал да им го зеде Министерството за локална самоуправа“, посочи Мемеди.