Избегнат инцидент помеѓу полицијата на БиХ и обезбедувањето на Ердоган

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган пред заминувањето во Босна и Херцеговина на аеродромот во Истанбул

На Меѓународниот аеродром во Сараево е избегнат инцидент помеѓу припадниците на Граничната полиција на Босна и Херцеговина и обезбедувањето на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, поради одбивање да помине низ редовна процедура за аеродромска контрола.

Како што пренесуваат локалните медиуми, инцидентот го потврди директорот на Граничната полиција на БиХ, Зоран Галиќ, кој го пофали професионализмот и реакцијата на припадниците на Единицата на граничната полиција на БиХ, истакнувајќи дека, сепак, сè поминало без проблеми.

„Тие кои доаѓаат во БиХ мора да ги почитуваат законите на БиХ, а не да покажуваат дека се над нив“, рече Галиќ, додавајќи дека членовите на Претседателството на БиХ кога патуваат во странство секогаш ги почитуваат законите на другите држави.

До инцидентот дошло на пистата, кога членовите на обезбедувањето на Ердоган одбиле да поминат низ редовната контролна процедура.

Пред тргнувањето во Босна и Херцеговина, Ердоган на аеродромот во Истанбул рече дека Турција нема таков луксуз оддалеку да ги набљудува настаните на Балканот. Пред полетувањето тој порача дека мирот и стабилноста на Балканот се многу значајни за неговата земја.

Тој денеска пристигна во дводневна посета на БиХ во рамки на која ќе присуствува на самитот за Процесот на соработка во Југоисточна Европа (СЕЕЦП), со кој претседава Босна и Херцеговина.

Ердоган треба да се сретне и со политичари од регионот, меѓу кои и со македонскиот претседател, Стево Пендаровски.