Од М-НАВ тврдат дека безбедноста на воздушната пловидба е на највисоко ниво

Илустрација

Безбедноста на воздушната пловидба во однос на активностите кои М-НАВ ги врши е на највисоко ниво. М-НАВ АД Скопје ги следи пропишаните процедури во врска со сите настани и тие по соодветно испитување од страна на внатрешните служби и надворешните комисии, ги имплементира, се наведува во соопштението од Надзорниот и Управниот одбор на М-НАВ АД Скопје во врска со последните написи и објавените аудио снимки во јавните гласила.

Во однос на настанот од месец септември 2018 година, губење на радарска слика, од М-НАВ АД Скопје информираат дека се случил поради непостапување согласно пропишаниот протокол за изведување на системското тестирање и процедурите за системска интеграција од страна на учесниците во него.

Од М-НАВ АД Скопје велат дека постапки на системско тестирање и интеграција од месец септември 2018 година до денес редовно се изведуваат, но со почитување на постапките за тестирање и процедурите за интеграцијата и истите се комплетирани безбедно.

Во соопштението е посочено дека за овој настан веднаш биле информирани сите надлежни институции. Конечниот извештај од настанот веќе е доставен и разгледан на затворена седница на Влада и од истиот имаме заклучоци по кои веднаш постапуваме, велат од М-НАВ.

Од компанијата велат дека со снимениот разговор на состанокот во канцеларијата на Генералниот секретар на Владата на Република Северна Македонија, на кој присуствуваале и претставници на М-НАВ АД и Леонардо, на 18.10.2018 година, е доведена во заблуда целокупната јавност во државата, а со тоа, како што наведуваат, е нанесена и штета на угледот на М-НАВ, како во домашната, така и во меѓународната јавност..

Од М-НАВ АД Скопје велат дека ќе соработуваат со сите органи во земјата и ќе ги достават сите барани документи во постапките кои се водат или ќе бидат водени.