Македонскиот премиер Зоран Заев, на маргините на Самитот за Западен Балкан во Познањ се сретна со неговиот француски колега Едуар Филип. Заев на средбата, како што соопшти владината прес-служба, порачал дека земјата ги исполнила сите реформски и политички очекувања, вклучувајќи ги и уставните промени за името и дека за испорачаното земјата очекува и исполнување на ветувањето на Европскиот Совет за почеток на преговорите во октомври.
„Таквата одлука ќе биде јасна порака и за другите во регионот дека вреди да се вложува во реформите и во унапредувањето на билатералните односи во регионот, како и во регионалната соработка. Ја поддржуваме дебатата за реформи во ЕУ, но убедени сме дека тој процес може да оди паралелно со процесот на преговори и за проширување со земјите од регионот“, нагласил Заев.
Францускиот премиер го истакнал заедничкиот интерес што го делат двете земји да работат на продлабочување на билатералните односи и на економската соработка. Тој изразил поддршка за напорите за продолжување на зацртаните реформи за владеење на правото и упатил честитки за Договорот од Преспа и за придобивките од добрососедските односи.