Ново метење, нови напади, нови функционери...

МАКЕДОНИЈА - Премиерот Зоран Заев во врска со најавената метла информира дека во вторник, на 9 јули, би можеле да се донесат и првите одлуки. Според него, промени ќе има најверојатно на 20 до 25 места, директорски и кај раководители на подрачни единици. 

МАКЕДОНИЈА - Премиерот Зоран Заев изјави дека нема да бара оставка од генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски по објавата на аудио снимка за случувањата во М-НАВ. Според него, најпрво треба да се согледаат последиците од случајот, па потоа да се донесе одлука. Заев порача дека Рашковски ги исполнува сите свои работни обврски, а и јавно се извинил.

РУСИЈА - Рускиот министер за одбрана Сергеј Шоигу изјави дека морнарите кои загинаа во пожар на подморница ќе бидат номинирани за државни награди.

ЛИБИЈА - ОН соопштија дека најмалку 44 лица се убиени, а повеќе од 130 повредени во воздушен напад врз прифатен центар за мигранти во главниот град на Либија, Триполи.

КИРГИСТАН - Поддржувачи на поранешниот киргистански претседател Алмазбек Атамбаев протестираа за отфрлање на обвинувањата против него. Атамбаев кој се соочува со обвинувања за корупција присуствуваше на протестот во Бишкек заедно со уште четворица пратеници од Социјалдемократската партија, во која тој членува.

ИРАН - Иранскиот претседател Хасан Рохани повтори дека неговата земја е подготвена да го преземе следниот чекор и да започне со збогатување ураниум над нивото од 3.67 проценти кое е предвидено со нуклеарниот договор од 2015 година. Ако сакате да искажете жалење и да дадете изјава, можете да го направите тоа сега, порача Рохани.

ФРАНЦИЈА - Европскиот парламент го избра италијанскиот социјалист Давид Мариа Сасоли за нов претседател, а функцијата ќе ја извршува наредните две и пол години. Сасоли, кој има 63 години и е поранешен новинар доби 345 гласови од пратениците. Тој на функцијата ќе го замени Антонио Тајани.