За состојбите во М-НАВ се разговарало на затворена Владина седница

Генералниот секретар на Владата Драги Рашковски

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, денеска на новинарско прашање дали како потпретседател на Владата знае дека генералниот секретар Драги Рашковски бил задолжен да се вклучи во тендерот за системот на М-НАВ и постои ли службена белешка за тоа изјави дека не знае дали има каков било заклучок и задолжение.

“Знам дека на последната седница на Влада разговаравме во делот на извештајот за инцидентот што се случил во Македонската навигација. Донесени се соодветни заклучоци по кои треба да се постапува и во рамки на тоа сите овие прашања треба да се расчистат и благовремено да се информира” изјави Спасовски.

Инаку денеска ВМРО ДПМНЕ до Јавното обвинителство поднесе кривична пријава против генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски, како и докази за негова наводна вмешаност во местење на тендер за опрема за „Македонска Навигација“

Опозициската партија деновиве обвини дека поседува докази и сомневања кои посочуваат на „постоење на 7 милионска тендерска аванта“. Од партијата наведуваат дека на аудио снимката, која беше објавена по порталите, Рашковски договара заклучок кој владата навистина го донела и за што има документи.

Генералниот секретар Рашковски најави прес конференција за утре, на која се очекува да даде објаснувања за сите сомнежи и нејаснотии кои за овој случај се појавија во јавноста.