Тимоние: Претстојните месеци да се искористат за спроведување на реформите

Францускиот амбасадор Кристијан Тимоние

Месеците кои претстојат треба да се искористат на најдобар начин за да може реформската агенда целосно да се спроведе, особено тука мислам на законот за Специјалното јавно обвинителство, рече францускиот амбасадор Кристијан Тимоние, одговарајќи на новинарско прашање.

Тој рече дека претстои вистинска, суштинска работа за да се подготви земјата да ги води преговорите. Тимоние посочи дека одредени реформи се веќе спроведени, но остануваат и други што треба да се спроведат.

„На почетокот на летово ќе има важни средби што ќе се одржат, но исто така и на почетокот на есента. Рано е да се прават анализи. Се наоѓаме во суштинскиот период за Европската унија, впрочем исто како што и периодот е многу значаен и за самите Вас“, рече Тимоние, одговарајќи на прашање дали тоа што не добивме датум за преговори во јуни со ЕУ се должи на неспроведување на реформите или на внатрешните проблеми или несогласувања внатре во ЕУ.

На прашање дали законот за СЈО е услов за добивање зелено светло и од Франција, тој рече дека станува збор за значајна тема за повеќе држави-членки на Унијата, затоа што, како што појасни, тоа е доказ за владеењето на правото.

„Ние Ве придружуваме на тој пат. Во моментот не можам да ви дадам точен датум, но сакам да знаете дека ние сме со Вас. Европското знаменце е со ѕвезди и знаете дека тие се убаво распоредени и благо наклонети, за до крајот на годината да се добијат позитивни одговори на сето она што вие го очекувате“, рече Тимоние пред отворањето на меѓународната конференција „Од партнерство до членство: Северна Македонија и француско-германската перспектива“ во организација на Европското движење и Фондацијата Конрад Аденауер.