„Фич“ го зголеми кредитниот рејтинг на земјава од ББ на ББ+

Министерот за финансии, Драган Тевдовски

Кредитната агенција „Фич“ го зголеми кредитниот рејтинг на земјава од ББ на ББ+ што е прво зголемување по 13 години. Тоа, според министерот за финансии Драган Тевдовски, е најдобра потврда за исправноста на политиките што ги презема Владата и оти економијата се движи во вистинска насока.

„Кредитниот рејтинг на една земја е еден од најважните индикатори за потенцијалните инвеститори кога ги носат своите одлуки за инвестирање“, рече Тевдовски.

Тој рече дека последен пат во земјава кредитниот рејтинг е зголемен во 2006 година.

На денешната прес-конференција, министерот за финансии нагласи дека земјава годинава не планира да издаде нова еврообврзница и додаде дека транспарентно ќе известат кога ќе имаат одлука за ребаланс. Најави дека во текот на следната недела ќе ги соопштат деталите за проектот за новата реформа за поврат на дел од ДДВ за граѓаните.

Прашан дали очекува да го зафати „метлата“, Тевдовски рече дека е целосно посветен на реформите и оти негова задача е да ги помести напред работите.