Трамп и Кремљ различно за неговата идна средба со Путин

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Трамп: ќе се сретнам со Путин на Г20 во Јапонија

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека ќе се состане со рускиот претседател Владимир Путин за време на самитот на Групата 20 во Јапонија кон крајот на овој месец. Кремљ пак соопшти дека не добил потврда од Вашингтон за евентуална таква средба. Нивниот последен состанок, беше во јули 2018 година во Хелсинки.

„Ќе се сретнам со Путин на Г-20. Ќе се сретнам со (кинескиот) претседател Си на Г-20. Ќе се сретнам со многу лидери на Г-20“, рече Трамп во Вашингтон пред средбата со полскиот претседател Анджеј Дуда.

Од друга страна, официјална Москва соопшти дека нема никаков договор за средба со Путин, што пак ја зголеми конфузијата околу можниот состанок меѓу двајцата лидери.

Портпаролот на Путин Дмитриј Песков, изјави за државната новинска агенција ТАСС дека Кремљ нема потврда за тет а тет средба на самитот закажан за 27-28 јуни во Осака.

„Ништо не се сменило во овој поглед. Американската страна неиницира одржување на посебен состанок“, рече Песков.

Трамп јасно стави до знаење дека сака подобри односи со Русија и конкретно, со Путин.

Ваквиот негов помирлив тон беше шок за американските политичари.

Трамп и во минатиот месец рече дека ќе се состане со лидерот на Русија во рамките на состанокот на Г-20, но Кремљ и тогаш посочи дека немало договор за директна средба.

На самитот на Г20 во ноември лани во Буенеос Аирес не дојде до директен состанок меѓу двајцата лидери.

Трамп последен пат директно се сретна со Путин во Хелсинки во јули 2018 година.

На таа двочасовна средба не присуствуваа нивните помошници, потег кој беше остро критикуван од страна на противниците на Трамп.

По самитот во Хелсинки, Трамп се соочи со жестоки напади од страна на американските законодавци - вклучувајќи и некои републиканци - кои оценија дека тој не успеал да ја држи одговорноста на Путин за руските акции, како, според американските разузнавачки агенции, руската кампања за мешање во американските претседателски избори во 2016 година.