Основниот суд во Скопје му одреди мерка притвор во траење од 30 дена на Јахи Јахиу, кого Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција го осомничи дека зел поткуп за да намести фирма да добие европски пари. Мерката притвор е изречена поради опасност од бегство и поради можноста да го повтори делото.
Државниот секретар во Министерството за информатичко општество и администрација Јахи Јахија и поранешен раководител на одделение во министерството се сомничат за примање поткуп при избор на компанија за спроведување на проект финансиран од ИПА фондовите. Италијанска фирма од јуни 2014 до август 2015 година во три наврати на осомничените им платила патувања во странство кои изнесувале 7.000 евра со цел пристап до доверливите тендерски информации.