Заев: Одлагањето на датумот за преговори ја става во опасност Владата

Премиерот Зоран Заев

Премиерот Зоран Заев од Брисел порача дека можното одлагање на одлуката за датум за преговори од страна на ЕУ ќе ја стави во опасност Владата, јави МИА. За секоја одлука која се однесува на проширувањето на ЕУ, како што наведе, неопходно е претходно Бундестагот да даде зелено светло.

„Бундестагот мора да испрати порака, ако не донесат одлука на седницата неделава, најверојатно имаат шанса за тоа на крајот на јуни, ако не го сторат тоа, тогаш останува за Советот на ЕУ во октомври, што значи дека Бундестагот би гласал во септември. И тогаш постои ризик да го изгубиме мнозинството во Собранието, затоа што навистина сѐ дадовме“, рече Заев.

На прашање дали во тој случај постои ризик да дојдат на власт проруски и националистички партии, Заев рече дека не е исклучена таа можност доколку ЕУ не испорача во својот дел.

Во однос на реконструкцијата на владата тој истакна дека нејзиното спроведување зависи од одлуката на ЕУ. Според него, доколку се спроведе реконструкцијата ќе има промени кај помалку од две третини од владата и на околу 20 до 30 менаџерски позиции во големите институции.