Бесплатен градски превоз во Њу Делхи во борбата против сексуално насилство

Архивска фотографија: Протест пред судот во Њу Делхи каде што им се суди на обвинетите за групно силување на студентка на 3 јануари 2013

Градските власти во Њу Делхи одлучија да понудат бесплатен градски превоз за жените заради зајакнување на нивната безбедност по низата случаи на сексуално насилство. Индија е во центарот на вниманието од 2012 година, кога се случи колективно силување на една студентка во приватен автобус во главниот град.

Бесплатниот превоз ќе биде воведен во наредните два-три месеци и ќе опфати 850 илјади жени, наведуваат градските власти.

Како дел од мерките за зајакнување на безбедноста во Њу Делхи, властите планираат да постават околу 150 илјади надзорни камери во главниот град до крајот на годинава.

Во Индија во 2016 година имало 40 илјади случаи на сексуално насилство во земјата со 1,3 милијарди жители. Се претпоставува дека тој број е поголем, зашто за таквиот вид насилство не се зборува јавно, бидејќи Индија е многу патријархална земја.