Заев: Резултатите од членството во НАТО веќе се видливи

Премиерот Зоран Заев

Премиерот Зоран Заев денеска порача дека одржувањето на денешниот состанок на Северноатлантскиот совет на НАТО во Скопје е најсилната политичка потврда за извесното полноправно членство на земјата. Според него, тоа е реализација на напорите и на стремежите на сите политичари и граѓани од независноста на земјата до денес, како и резултат на неуморната работа на институциите.

„Членството во НАТО за нас значи мир и стабилност и е најсилна гаранција за нашата безбедност. Веруваме дека тоа ќе донесе подобар живот за нашите граѓани, како на политички, така и на економски план“, рече Заев.

Според него, резултатите се веќе видливи, а откако е добиена поканата за членство, Бруто домашниот производ пораснал за 5,5 проценти, невработеноста е намалена за 7,5 проценти, индустријата бележи пораст од 8,8 проценти, а платите пораснале за 6,1 процент. Странските инвестиции, како што наведе Заев, постигнале нов рекорд во државата од 625 милиони евра.