ЕК: Реформи во владеење на правото и договор со Косово клучни за Србија

Знамето на ЕУ и на Србија на зградата на Владата во Белград

Во извештајот на Европската комисија за напредокот на Србија на патот кон ЕУ во 2018 година се наведува дека реформите во владеењето на правото и решавањето на односите со Косово се од витално значење за земјата и ќе продолжат да го одредуваат понатамошниот ритам на преговорите.

Според извештајот, потребен е напредок во реформите во судството, борбата против корупцијата, слобода на медиумите и решавањето на случаите на воени злосторства и организиран криминал во самата земја.

Србија, како што се наведува, останала целосно ангажирана во дијалогот со Приштина со посредство на ЕУ и покрај воведувањето на таксите од страна на Косово.

Сепак, ЕК смета дека „Србија мора да направи понатамошни значителни напори и придонеси, особено кога станува збор за нејзините меѓународни односи, создавајќи поволни услови за склучување на сеопфатен правно обврзувачки договор со Косово. Таквиот договор е итен и пресуден да можат Србија и Косово да напредуваат на својот европски пат“.