ВМРО-ДПМНЕ апелира пратениците да постапат законски за мандатот на Груевски

Поранешниот премиер Никола Груевски.

ВМРО-ДПМНЕ апелира пратениците да ги почитуваат законите и Уставот во случајот со пратеникот Никола Груевски и доколку се исполнети условите за престанок на неговиот мандат, пратениците да постапат законски. Ваквиот заклучок е донесен после консултации со пратеничката група и врз основа на дискусијата на затворената седница на Извршниот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ.

Мандатот на пратеникот Никола Груевски кој избега од земјата откако беше осуден повторно е на дневен ред на собраниската комисија за деловнички и мандатно имунитетни прашања. Седницата е закажана за 29 мај во 11 часот, а се закажува бидејќи пратеникот неоправдано отсуствувал повеќе од шест месеци.

На минатата седница наместо за мандатот на Груевски се расправаше за оставката на претседателот на Комисијата, Павле Богоевски. Утрешната седница ќе ја води заменичката на Богоевски, Снежана Калеска-Ванчева.

Освен одлука на Комисијата, за да се одземе мандат на пратеник, на пленарна седница за тоа потребно е двотретинско мнозинство, односно треба да гласаат 80 пратеници.