Муслиу: Јас сум именуван од Пендаровски, кој е поддржан од ДУИ

Агенција за разузнавање

Новиот директор на Агенцијата за разузнавање, Еролд Муслиу денеска порача дека не е информиран за изјавите од ДУИ за неговото назначување на функцијата. Тој истакна дека ќе почека одлуката за негово именување да излезе во Службен весник, па потоа ќе дава изјави.

„Не сум ја прочитал таа изјава на вицепремиерот Бујар Османи, меѓутоа вчера слушнавте, имаше став и од претседателот, јас сум именуван од претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски. Не знам кој е ставот на политичката партија ДУИ, но колку што знам тие се заедно во Влада со СДСМ, значи го поддржаа претседателот Стево Пендаровски, што да кажам понатаму“, изјави Муслиу за Алсат ТВ.

Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи денеска изјави дека одлуката за именување на Муслиу ги вознемирила сите и ставила сенка на вчерашниот ден кога Собранието ги донесе реформите на безбедносните служби.