Ерменската фудбалска ѕвезда Хенрик Мкитаријан нема да игра на финалето од Европската лига во Баку, соопшти неговиот клуб Арсенал со што се стави крај на неизвесноста дали тој ќе настапи на натпреварот. Во соопштението се наведува и дека Арсенал е многу разочаран што тој нема да може да придонесе во борбата за европската титула против Челзи на 29 мај во Азербејџан.
„Ние темелно ги испитавме сите опции за Мики да биде дел од тимот, но откако разговараме со него и неговото семејство заедно донесовме одлука дека тој нема да отпатува со тимот“, наведуваат во соопштението.
Арсенал ја известил и УЕФА изразувајќи длабока загриженост за ситуацијата, но без да објасни зошто Мкитаријан нема да отпатува за Азербејџан. Арсенал бараше гаранции од УЕФА дека фудбалерот ќе може да отпатува за Азербејџан.
Тој и претходно не отпатува на натпревар во Азербејџан во групната фаза. Тогаш министерството за надворешни работи на земјата соопшти дека тој може да настапува во Баку и покрај тензиите меѓу Ерменија и Азербејџан.