Рохани бара поголеми овластувања за да се бори против „економската војна“

Иранскиот претседател Хасан Рохани

Иранскиот претседател Хасан Рохани изјави дека бара проширени воени овластувања за да се справи со „економската војна“ која ја водат САД против државата. Односите меѓу двете земји се нарушија откако американскиот претседател Доналд Трамп донесе одлука Вашингтон да се повлече од нуклеарниот договор и да воведе нови санкции против Иран.

Рохани како пример ја посочи војната со Ирак од 1980 до 1988 година кога Врховниот совет на војната имаше можност да ги заобиколи сите други институции во донесувањето одлуки кои се однесуваат на економијата и напорите за справување со конфликтот.

„Ни треба таква моќ денес“, порача Рохани, кој исто така додаде дека се залага за разговори за намалување на тензиите со САД, но не под сегашните услови.