Кога ќе се одржи седницата за мандатот на Груевски?

Собраниска седница

Собраниската мандатно-имунитетната комисија, како што јавија дел од медиумите, во понеделник најверојатно нема да расправа за мандатот на поранешниот премиер Никола Груевски кој доби азил во Унгарија

Со комисијата раководи пратеникот од владеачкото мнозинство Павле Богоевски.

Според објавените информации Богоевски најавил дека седница ќе има, но потоа рекол дека ќе ја закаже откако ќе заврши седницата на комисијата за одбрана на која треба да се усвојат амандмани за законите за новата агенција за национална безбедност и за разузнавачката заедница.

Деновиве претседателот на Собранието, Талат Џафери до Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања го испрати дописот дека пратеникот Никола Груевски шест месеци неоправдано бил отсутен од работата на законодавниот дом.

По ова претседателот на Комисијата Богоевски треба да ја закаже седницата на која ќе се расправа по прашањето.

Во меѓувреме аудио снимката со пратеникот од владејачкото мнозинство Богоевски, а потоа и неговото признание на социјалната мрежа Фејсбук дека на неа се слушало како договора купување не на кокаин, како што беше презентирано, туку на медицинска марихуана продолжува да предизвика реакции во опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Од ВМРО ДПМНЕ денеска побараа пратеникот на владејачкото мнозинство Павле Богоевски сам да направи тест за наркотици и итно да се повлече од пратеничката функција

Претседателот на Собранието Талат Џафери не ја прифати иницијативата на 8-те независни пратеници доброволно да се спроведе нарко тестирање на народните избраници.

Од собраниската прес-служба информираа дека не постои правен основ за тоа.