Иранскиот министер за надворешни работи, Мохамед Џавад Зариф, изјави дека нема можности за разговори со САД за намалување на тензиите меѓу двете земји. Забелешките на Зариф, доаѓаат по изјавата на претседателот на САД, Доналд Трамп, кој рече дека е уверен оти Техеран наскоро ќе се обиде да преговара со Вашингтон.
Тензиите се зголемија откако Трамп во мај лани прво ги повлече САД од нуклеарниот договор, а потоа воведе и санкции. Договорот што Иран во 2015 го потпиша со шест светски сили значеше олеснување на претходните санкции, а за возврат Техеран ја ограничи нуклеарната програма.
Зариф денеска изјави дека Техеран покажува „максимална воздржаност“ и покрај тоа што САД се повлекоа од договорот и го обвини Вашингтон за „неприфатлива“ ескалација на кризата.
Според иранските државни медиуми, Зариф утре треба да ја посети Кина и со тамошните лидери да разговори за регионални и меѓународни прашања, вклучително и за нуклеарниот договор од 2015 година.