Брунер: Датумот за преговори со Северна Македонија ќе биде знак за сите од Западен Балкан

Собранискиот спикер Џафери со парламентарната делегација во Горниот дом на Австрија

Потпретседателот на Сојузниот Совет на Австрија Магнус Брунер, по средбата со претседателот на Собранието Талат Џафери, изјави дека отворањето преговори со Северна Македонија во јуни 2019 година ќе испрати јасна и позитивна порака до сите земји пристапнички од Западен Балкан.

Спикерот Џафери е во дводневна официјална посета на Австрија, заедно со пратениците Реџаил Исмаили и Мери Лазарова, во својство на претседател и член на Пратеничката група за соработка со Парламентот на Република Австрија и генералниот секретар, Цветанка Иванова.

„Брунер упати честитки за постигнувањето на Договорот со Грција и изрази надеж дека оваа историска придобивка ќе биде уважена од страна на ЕУ и дека на Република Северна Македонија ќе и биде даден датум за преговори во јуни оваа година“, соопшти собраниската прес-служба.

Изразувајќи задоволство што официјалната посета се случува во годината кога двете држави прославуваат 25 години од дипломатските односи, Брунер се заложи за интензивирање на економската соработка.