Македонскиот министер за надворешни работи Никола Димитров се сретна со својот грчки колега Јогрос Катругалос кој во име на грчката Влада денеска присуствуваше на инаугуративната церемонија на претседателот Стево Пендаровски.
За време на состанокот, како што соопшти МНР, била потврдена подготвеноста за продолжување на позитивната динамика во која се развиваат односите и соработката меѓу двете земји. Притоа било нагласено дека средбите на највисоко ниво (особено со посетата на грчкиот премиер Алексис Ципрас на Скопје), ја одразуваат желбата за градење на односи темелени на заемна доверба и партнерство.
На средбата се разговарало и за економската соработка, со посебен осврт врз инфраструктурното поврзување, со што се олеснува севкупната комуникација на граѓаните и стопанските субјекти, вклучувајќи ги двата нови договорени гранични премини.