Јавно кажувам и се обврзувам дека ќе бидам претседател на сите граѓани- и на оние кои гласаа за мене и на оние кои гласаа за моите противкандидати и на оние кои не гласаа. Првата работа што ќе ја направам е да подадам рака за соработка кон опозицијата, рече претседателот Стево Пендаровски во обраќањето по повод неговата инаугурација во Собранието на Република Северна Македонија.
Време е да ги залечиме отворените рани од нашето блиско минато и реално да го почнеме граѓанското помирување зашто немаме резервна татковина која можеме да ја наречеме наш дом, рече тој.
Пендаровски најави дека ќе се бори против поделеноста во општеството, ќе ги штити правата на политичкото малцинство и оти максимално ќе се заложи за довршување на полноправното членство на земјава во ЕУ и НАТО, како и дека посебно внимание ќе посвети на меѓуетничките односи.