Во Грција ќе се разгледуваат законите за новите гранични премини со Северна Македонија

Зоран Заев и Алексис Ципрас во Скопје

Министерството за надворешни работи на Грција ги достави до грчкиот Парламент нацрт законите за отворање на нови гранични премини меѓу Грција и Северна Македонија. Ова уследи по потпишаните договори во Скопје. Ќе се отвораат нови гранични премини кај Мајден и кај Маркова нога.

Согласно потпишаните договори, за изградбата и отворањето на граничниот премин кај Мајден ќе се користат фондови од Европската унија, а во договорот за граничниот премин кај Преспа, вклучени се и членови за подигање на нивото на Канцеларијата за врски во
Скопје во амбасада и на Канцеларијата за конзуларни, економски и трговски работи во Битола на ниво на Генерален конзулат.

Според двата потпишани договори во Скопје, предвидено е да се формира заедничка Комисија на експерти од двете земји со најмногу девет претставници од секоја страна кои ќе бидат надлежни за техничките и правните теми, за функционирањето на граничните премини
и за други прашања од заеднички интерес поврзани со спроведувањето на договорите.