Пендаровски од ДИК го доби уверението за претседател

Стево Пендаровски по победата на претседателските избори 2019

Државната изборна комисија денеска на Стево Пендаровски му го врачи уверението за избран претседател на државата.

Пендаровски утре напладне ќе даде свечена изјава во Собранието, а потоа ќе замине во претседателската вила на Водно каде ќе го пречека досегашниот претседател Ѓорге Иванов. Тие потоа заеднички ќе се сретнат со членовите на Кабинетот на претседателот.

Пендаровски во ДИК изјави дека на вработените ќе им порача дека политичкиот реваншизмот треба да биде минато, а тој што се огрешил пред законот да одговара.

Претходно ДИК на јавна седница го усвои заклучокот за објавување на конечни резултати од вториот круг на претседателските избори, според кој за претседател на Република Северна Македонија е избран
Стево Пендаровски.

Според податоците на ДИК, од вкупно запишаните 1.808.131 избирач, на гласање излегле 843.508 граѓани или 46,65 отсто. Од нив за Пендаровски гласале 435.656 граѓани, а за Гордана Силјановска Давкова 377.446.